речник контакт

Откритие без зборови: Милијарди други планети

Астрономите во средата објавија дека секоја од стотиците милијарди ѕвезди во Млечниот пат, најверојатно просечно имаат најмалку по една придружна планета, потврдувајќи го впечатокот дека планетите се чести во вселената како и зрнцата песок на плажа.

Петар Печков

Ова откритие го истакнува фундаменталниот пресврт во научното сфаќање за планетарниот систем во вселената. Излегува дека нашиот сончев систем, кој до не така одамна се сметаше за единствен, е само еден помеѓу милијардите слични.

Се до април 1994, немаше други познати соларни системи, но оттогаш откритијата полека се зголемуваа. Вселенскиот телескоп Кеплер, создаден за трагање по планети, истите сега редовно ги пронаоѓа.

„Планетите се повеќе како правило, отколку како исклучок“, вели Арно Казан, главниот астроном во институтот за астрофизика во Париз. Тој предводи меѓународен тим од 42 научници кои минаа шест години во истражување на милиони ѕвезди во срцето на Млечниот пат, во својот најобемен обид досега да го потврдат присуството на планетите во галаксијата.

За да го пресметаат бројот на другите светови, др. Казан и неговите колеги проучиле 100 милиони ѕвезди одалечени помеѓу 3,000 и 25,000 светлосни години од земјата, кои имаат гравитациско микрополе. Во нивната техника се користат одалечените светла појачани од гравитацијата на огромните ѕвезди или планети, за да се создадат астрономски леќи за зголемување. Потоа ги комбинирале своите откритија со претхоните сознанија кои користеле други техники за откривање, за да создадат статистички примерок на ѕвезди и на планети кои орбитираат околу нив, за кои велат дека постојат во галаксијата.

Според нивните пресметки, повеќето од ѕвездите во Млечниот пат - а според најконзервативната претпоставка нивниот број е 100 милијарди - имаат една или повеќе планети, објавија истражувачите во средата во списанието Нејчр. Ниту една од досега откриените планети не изгледа дека е погодна за развивање на конвенционален живот заснован на јаглерод, кој ни е познат на земјата.
Изгледа дека скоро две третини од ѕвездите имаат планети кои се барем за една петтина поголеми од масата на земјата, а половина од нив имаат планети со маса колку Нептун, која има 17 пати поголема маса од земјата. Скоро една петтина од нив имаат гасовити џинови како Јупитер или уште поголеми планети.

„Секој може да покаже кон било која ѕвезда и да излезе дека околу неа орбитираат планети“, вели астрономот Уфе Грае Јоргенсен, од Универзитетот во Копенхаген во Данска, член на тимот на др. Касан.

Уште нешто, милиони од овие планети можеби се вртат околу две ѕвезди, објавија во средата во онлајн изданието на Нејчр астрономите кои во оделни откритија го употребуваа вселенскиот телескоп Кеплер на Наса - што е состојба која не се сметаше за веројатна, и до пред неколку месеци ова беше возможно само во научната фантастика.

„Почнуваме да гледаме сосема нов вид на планетарни системи, сосема различни од нашиот сончев систем“, вели Вилијамс Велш, астроном од државниот универзитет во Сан Диего, кој ги претстави откритијата на телескопот Кеплер во средата на средбата на Американското астрономско здружение во Остин, Тексас.

Овие откритија се најнови кои произлегуваат од лавината нови податоци во врска со световите околу другите ѕвезди.
Од 1994, истражувачите го потврдија постоењето на повеќе од 700 планети околу различни ѕвезди, и дополнителни повеќе од 2,000 кандидати кои се истражуваат од астрономите од целиот свет. На почетокот на месецов, астрономите со употреба на унгарската автоматизирана телескопска мрежа најавија откривање на четири големи светови, и дека секој од нив орбитира околу посебна ѕвезда.
„Сега се соочуваме со идејата дека планетите се насекаде во галаксијата“, вели астрофизичарот Џон Саутворт од британскиот универзитет Кејли, кој не беше дел од овој истражувачки проект.

Астрономите користејќи го телескопот Кеплер, минатиот септември ги открија првите познати двоојноѕвездени планети - Кеплер 16б, гасовита топка со големина на Сатурн која се врти околу две ѕвезди одалечени 200 светлосни години од земјата, слична на планетата Татуин од филмовите „Војна на ѕвездите“.

Во средата, др. Велш и неговите колеги најавија дека го потврдиле постоењето на уште два света во одалечени двоѕвездени соларни системи во соѕвездието Сајгнус. Првиот, наречен Кеплер 34б, орбитира околу две мали ѕвезди во сончев систем одалечен околу 4,900 светлосни години од земјата. Вториот, Кеплер 35б, орбитира околу две ѕвезди близначки, одалечени околу 5,400 светлосни години.

Двете планети се „гасовити“, со големина на Сатурн, каде температурата брзо расте и опаѓа од смрзнување до скоро вриење, додека планетите периодично се приближуваат кон нивнте ѕвезди и потоа се оддалечуваат во елиптичен менует, известуваат научниците.
„Годишните времиња кај овие планети мора да се прилично чудни“, вели др. Саутворт.
 текстот е преземен од Вол стрит џурнал - Њујорк

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »